КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ПОЛУОСТРОВИ НА КОНТИНЕНТИТЕ?
ШЕСТИ ДЕЛ - ЕВРОПА
Европа е дел од големото Евроазиско копно кое се протега од Атлантскиот океан на запад до Тихиот океан на исток и го зафаќа помалиот западен дел, претставувајќи голем полуостров. Сепак Европа заради општествената, културната и политичката улога која ја имала во светската историја се смета за посебен континент. Тој е вториот најмал континент на Земјата, со површина од околу 10 милиони km2 или 1/15 од светското копно. На исток овој континент има природна граница со континентот Азија која се движи по планината Урал, реката Урал, потоа покрај западните брегови на Каспиското езеро се движи се до реката Манич и покрај бреговите на Црно Море се движи до протоците Босфор и Дарданели кај државата Турција и завршува кај Егејското море. Јужниот брег на Европа е обиколен со водите на Егејското море, Јонското море, Јадранското море, Тиренското море Лигурското море и Средоземното море. На запад е широко отворен кон Атлантскиот океан. На север овој континент излегува на Северно Леден Океан и на неколку мориња како што се Белото и Баренцовото море. На југ, Европа е одвоена со континентот Африка преку Гибраталскиот проток кој е широк околу 14 километри. Европа е еден од најразгранетите континенти на Земјата со голем број на острови, заливи, фјордови, протоци, канали, рабни мориња и полуострови. Речиси трите брега на континентот се подеднакво разгранети. На северниот брег се издвојуваат два поголеми полуострови, а тоа се полуостровите Кола и Канин кои се обиколени со водите на Белото море и Баренцовото море. На западниот брег за издвојување се полуостровите Нормандија и Бретања кои се наоѓаат во државата Франција и се обиколени со водите на Атланскиот океан, полуостровот Јиланд на кој се наоѓа и поголемиот дел од државата Данска и Скандинавскиот полуостров. На јужниот брег се наоѓаат три големи полуострови. Пиринејскиот полуостров кој е обиколен со водите на Атлантскиот океан и Средозмното море, Апенинскиот полуостров кој е обиколен со водите на Лигурско,
Тиренско, Јадранско и Јонско Море и Балканскиот полуостров кој е обиколен со водите на Црно, Егејско, Јадранско и Јонско Море. Од сите овие полуострови најголем е Скандинавскиот полуостров кој се простира во северните делови од континентот меѓу Атлантскиот Океан и Балтичкото Море со Ботничкиот Залив и Северниот Леден Океан и зафаќа површина од околу 1.100.000 km². Во границите на овој полуостров влегуваат териториите на државите Норвешка и Шведска, северните делови од државата Финска и мали делови од Русија. Според некои извори од литературата во границите на овој полуостров се наоѓаат териториите на државите Шведска, Норвешка и Финска, и заедно со маркантниот Фински полуостров и полуостровот Кола се нарекува Феноскандија. Релјефот на овој полуостров е претежно планински, особено во средишните и северните делови, додека пак кон југ преовладува низинско земјиште. Долж овој полуостров се простираат Скандинавските планини кои се карактеристични по големиот број на зарамнети врвови во вид на пространи висорамнини наречени фјелди. Од Скандинавските планини се спуштаат голем број на мали реки. Овој полуостров е богат со многу леднички (глацијални) езера. Тука се наоѓаат повеќе од 100 илјади езера, кои се претежно со мала површина. За издвојување се неколку поголеми езера.
Климата на Скандинавскиот полуостров е различна. Покрај бреговите на Норвешка поминува топлата Голфска Струја која условува да има повисоки температури во овие простори, и како резултат на тоа бреговите на Норвешка не замрзнуваат. Тука се наоѓаат голем број на пристаништа кои благодарение на Голфската струја не замрзнуваат и на тој начин е овозможено непрекинато нивно работење во текот на целата година, што е од големо значење за населението кое живее во овие краеви. Во крајните северни делови од Скандинавскиот полуостров преовладува супполарната клима. Во средишните делови на Скандинавскиот полуостров, кај Скандинавските планини, застапена е планинската клима, која се одликува со големи количества на врнежи од снег, и доста ниски температури. Јужно од Скандинавските планини преовладува континенталната клима која е доста сурова, и како резултат на нејзиното влијание, најсеверните делови на Балтичкото море замрзнуваат во текот на подолгиот зимски период кој трае повеќе од 6 месеци. Летниот период во овој дел од полуостровот трае пократко. Во Јужните делови од државата Шведска големо влијание има Атланската клима која донесува повлажни воздушни маси и како резултат на тоа, врнежите во овие делови се поголеми. Полуостровот е познат по фјордовите кои се тесни и длабоки, често искривени заливи кои по неколку десетини, па и стотина километри навлегуваат во копното и настанале кога крајбрежните долини биле исполнети со глечери кои со својот притисок ги продлабочиле и прошириле долините а потоа со топењето на глечерите ваквите долини останале исполнети со вода, така што денес во вид на издолжени заливи навлегуваат длабоко во копното. На полуостровот живеат околу 16 милиони жители во следниве држави: Норвешка, Шведска, и Финска. Најголемиот дел од населението живее во јужните делови од полуостровот покрај бреговите на Северното море и јужните делови на Балтичкото море. Тука се наоѓаат и главните градови на државите, Осло на Норвешка и Стокхолм на Шведска. Покрај нив тука се наоѓаат и други поголеми градови: Гетеборг, Малме, Упсала, Хелсингборг и Еребро во Шведска, Берген, Ставангер, Кристијанштад и Фредрикстад во Норвешка.
Литература:
- “Lakes, Streams and Rivers” Smorgasbord, 2007
- Панов Н.,Талеска М. (2007) Географија на Европа, Скопје
- https://www.scb.se/statistik/_publikationer/OV0904_2012A01_BR_02_A01BR1201.pdf
- https://www.britannica.com/place/Scandinavian-Peninsula
- https://norwaytoday.info/travel/what-is-a-fjord-and-how-is-it-formed/
- https://books.google.mk/books?id=GN9UQMuNQNkC&pg=PA61&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false
- https://books.google.mk/books?id=DJgnebGbAB8C&pg=PA710&dq=&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false
- https://www.worldatlas.com/articles/15-largest-peninsulas-in-the-world.html
- https://www.worldometers.info/population/
Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија
0 Comments