Последно

8/recent/ticker-posts

ПЕШТЕРА ПЕШНА

 ПЕШТЕРА ПЕШНА - ПЕШТЕРА СО НАЈГОЛЕМ ВЛЕЗЕН ОТВОР НА БАЛКАНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ

На само 6 километри од градот Македонски Брод, на патот за селото Самоков се наоѓа пештерата Пешна, прогласена за споменик на природата. Се наоѓа од десната долинска страна на реката Треска. Според спереолозите, ова е најголемиот пештерски влезен отвор на Балканот. Таванскиот дел на отворот има висина од 40 метри, а широчина од 56. Незјината должина изнесува 124 метри. Пешна е изградена во доломитски мермери. 

        Поглед од пештерата Пешна


Во нејзиниот краен северен дел има мали тесни канали кои сеуште се неизтражени, но спелеолозите се убедени дека Пешна преку овие канали е поврзана со пештерата Крапа. Од овие канали кога има посилни дождови и топење на снегот избива силен вруток, со што настанува мало езеро. Од него истекува мала река која тече покрај самиот влез на пештерата. Во сушните периоди од годината езерото, а и реката пресушуваат. Според спелеолозите, водата доаѓа од пештерата Крапа која се наоѓа на само 5 километри од Пешна во близина на истоименото село Крапа, кое се наоѓа на повисока надморска височина, формирајќи неколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас“, за кој се претпоставува дека е долг дури десет километри.

Мала река пред отворот на пештерата Пешна

Во подземните езера на Пешна се пронајдени неверојатни водни животни - слепи риби и според сепелеолозите вакви риби не се пронајдени на друго место. Тоа е најверојатно вид што порано живеел над земја, но единките со текот на времето пропаѓале и го загубиле сетилото за вид, бидејќи не им било потребно нешто што е вообичаено за подземните суштества.  Исто така во пештерата се гнездат ластовици, а во неа живеат и лилјаци.

До самата пештера има остатоци од тврдина, која според археолозите датира од 14 век. Од спротивната страна на патот се наоѓаат остатоци од кули кои се познати под името „Девини Кули.“

Легенда за Пешна

Меѓу локалното население позната е легендата по која оваа пештера го добила името. Според таа легенда пештерата го добила името по сестрата на Крали Марко – Пешна. Па така, легендата вели дека уште во 14-тиот век опеаниот македонски јунак Крали Марко им изградил на своите сестри тврдини (на секоја по една), вклучувајќи ја и оваа. Тврдината ја изградил на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна. Благодарение на дебелите каменити ѕидови денес дел од тврдината е останат и може да се види. Од спротивната страна на патот се наоѓаат остатоци од кули кои се познати под името „Девини Кули“, именувани по уште една сестра на Крали Марко, Дева, која според легендите била задолжена од Крали Марко да живее тука и со неговата војска да бидат стражари на ова стратешко место.


     „Девини Кули“ и пештерата Пешна     во позадина

Oва ремек дело на природата со својата величествената големина, својата грандиозност и својата убавина ќе ве остави без здив и вреди да се посети. До него се стигнува по изградена пешачка патека која започнува одма од регионалниот пат. 



Литература:

1.https://makedonskibrod.mk/wp-content/uploads/2020/04/Peshna-cave-1-800x445.jpg
2.https://macedonia-timeless.com/mac/aktivnosti/setila/vid/pesteri/pesna/
3.http://mojportal.mk/uploads/ckfinder/userfiles/images/03.2013/pesteri/vrutokot%20na%20peshna.jpg
4.https://www.youtube.com/watch?v=O9g-943-w7w&ab_channel=InfoKompas


Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

Post a Comment

0 Comments