Последно

8/recent/ticker-posts

ГЛАЦИЈАЛНИ ИЛИ ЛЕДНИЧКИ ЕЗЕРА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 ГЛАЦИЈАЛНИ ИЛИ ЛЕДНИЧКИ ЕЗЕРА 
ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Под поимот езеро се подразбира природна вдлабнатина на Земјината површина која е исполнета со вода, која привидно се наоѓа во мирување и која нема директна врска со морските или океанските басени.
Езерото е составено од две компоненти: езерски басен и водена површина. За да дојде до создавање на езеро прво е потребно да се формира вдлабнатина на Земјината површина, која понатаму треба да се исполни со водена маса, за одредено време.
Постојат повеќе видови на езера. На сликата во прилог е објаснета поделбата на езерата. 

Глацијалните езера настанале со топењето на мразот во плеистоцен (епоха која на геолошката скала го опфаќа периодот од 1.808.000 до 11.550 година пред денешно време). Според начинот на настанување тие може да бидат циркни и валовски леднички езера. Циркните езера настануваат во преиздлабени делови каде во минатато започнувале да се спуштаат планинските ледници(глечери). Помеѓу народот ваквите езера се нарекуваат уште и „планински очи“ и изобилуваат со прекрасна убавина. За разлика од циркните, валовските езера се создаваат во дната на валовите(еден вид на долина низ кои се движат ледници или глечери).

На територијата на Република Македонија присутни се околу 50 – тина глацијални езера распространети на 7 планини и тоа:


Шар Планина:27 

Кораб: 6

Дешат: 4 

Стогово: 3

Јабланица: 4

Пелистер: 3

Јакупица: 2


На Шар Планина ( Турчин 2748 мнв ), по Пирин со вкупно 176 и Рила со 140 глацијални езера има најмногу глацијални езера на Балканскиот Полуостров.

Нивниот број изнесува 39 од кои 25 се постојани глацијални езера, а 14 се повремени глацијални езера. Од овие на територијата на Република Македонија се наоѓаат 27, од кои 19 се постојани.

Се претпоставува дека вкупната површина на сите глацијални езера што се наоѓаат на Шар Планина изнесува 250.000 м².



Црно Езеро    
      
Боговињско Езеро

На планината Кораб (Голем Кораб 2,753 мнв) глацијалните езера се  јавуваат во извориштните делови на речиси сите речни текови, или пак на страните на нивните долини.

На територијата на Република Македонија се наоѓаат 18 глацијални езера од кои 8 се постојани а останатите 10 се повремени, скоро и пресушени.

Има поголем  број на помали глацијални езера, но 6 од нив се позначајни (Koрабско езеро, Мал Кораб, Средно езеро, Бачилски Камен, Бабин Камен и Долно езеро).


Големо Корабско Езеро 


Дешат претставува морфоструктурно продолжение на планината Кораб, па така во вирмскиот период на највисоките делови била зафатена со интезивна глацијација.

Во изградените циркови и долж дната на валовите со топењето на мразната маса се создале глацијални езера.

На источната страна на планината која се наоѓа на територијата на Република Македонија се одржале неколку глацијални езера и тоа: Света Недела, Јужно и Северно Гашево езеро и езерото Турен Камен.

На планината Стогово за време на маскималното вирмско заглечерување во највисоките делови егзиситирала мразна маса, односно глечери што се спуштале во сите правци освен во југозападните и западните падини. Па така се создале неколку циркови и помали валови, но и неколку глацијални езера, поточно три. Тоа се Горното и Црното езеро во Циркот Ќенаница и езерото Маруша.

Планината Јабланица се наоѓа меѓу Охридско-Струшката Котлина и Дебарската Котлина. Оваа планина во текот на вирмската глацијација била една од најзаглечерените планини во Република Македонија. Како резултат на тоа се четирите глацијални езера и неколку бари. Четирите езера се: Горно и Долно Лабунишко, Подгоречко и Вевчанско.


                       Вевчанско Езеро

Планината Пелистер (2.601 m.) за разлика од останатите планини од западниот дел на Република Македонија кои се и пониски од неа, била зафатена со помал интнзитет на глацијална ерозија. Со топењето на мразната маса пред околу 10.000-12.000 години во цирковите настанале леднички езера кои се три на број и тоа: Големото и Малото Пелистерско езеро и езерото Орлови Бари.

                       Големо Пелистерско Езеро


На планинскиот масив Јакупица (Мокра), во нејзиниот североисточен дел, во циркот североисточно од врвот Убава (2.352 m.) се наоѓат две глацијални езера наречени Салаковски Езера. Овие езера се настанати за време на интензивната глацијација, односно за време на плеистоцен.

                             Салакови Езера

Боговињското Езеро е најголемото ледничко езеро во Република Македонија со површина од 66 880 м2, додека пак Големото Корабско Езеро или само Корабско Езеро претставува највисоко ледничко езеро на територијата на Република Македонија кое се наоѓа на надморска височина од 2 470 м.

  


Литература:


1. Василевски Д.(2008):Хидрологија

2.https://old.skimacedonia.mk/wp-content/uploads/2014/03/Karanikolicko-ezero.jpg

       Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

Post a Comment

0 Comments