Последно

8/recent/ticker-posts

Розевото езеро - Хилиер

   Розевото езеро - Хилиер


Ни се чини дека доволно добро ја познаваме природата на нашата планета, но дали е тоа вистина? Сме слушнале за голем број на природни убавини или пак сме виделе дел од нив и истите не оставаат без здив, без оглед дали се кањони, водопади, слапови, пештери итн. Во многу случаеви природата знае да биде чудесна и да создаде волшебни убавини. Една од тие убавини каде природата со својата волшебна моќ успеала да создаде нешто толку невообичаено и магично е розевото езеро Хилиер во Австралија. Неговата блескава светлорозева површина ако ја погледнеме од високо изгледа како глазура на торта или пак на милкшејк од јагода. Но, секако не би сакале да го вкусите бидејќи неговата вода е солена. 


Езерото Хилиер се наоѓа на самиот брег во северниот дел од островот Мидл кој е одалечен неколку километри јужно од западниот брег на континентот Австралија. Ова езеро прилично е мало по површина, со должина од 600 m и ширина не повеќе од 250 m. и е обиколено со густа дабова шума и голем број на дрва од еукалиптус, а од океанот го двојат бели песочни дини.  
Ова езеро било откриено сосема случајно од научната експедиција која ја предводел морепловецот Метју Флиндерс, кој поминувал во близина на островот Мидл при своето патување кон Сиднеј во 1802 година. Флиндерс се искачил на највисокиот врв на островот Мидл (кој подоцна бил именуван по него) за да ги набљудува островите кои се наоѓаат во непосредна близина на островот Мидл. Од таа височина го забележал розевото езеро кое го воодушевило. Тој одлучил да го именува езерото по  починатиот член на екипажот Вилијам Хилиер, кој умрел од дизентерија набрзо при пристигнувањето на островот.                   

                                               
Меѓутоа, езерото Хилиер не е единственото розево езеро на светот, но кај научниците најдолго го задржало нивното внимание. Тие сеуште неможат со сигурност да ја потврдат причината за розевата боја во езерото, но повеќето научници сметаат дека е поради присуството на микроалги од видот „Dunaliella salina“. Овие микроалги произведуваат каротеноиди – пигмент кој го има и во морковите.  Во многу солена вода таа алга создава црвен пигмент и на тој начин им ја дава бојата на другите розеви езера во Австралија. Друго објаснување на научниците за појавата на розевата боја во езерото е присуството на халофилни бактерии во солта, односно се мисли дека розевата боја настанува од високата концентрација на бактеријата Halophilic. Но, розевата боја може да е и резултат на реакцијата помеѓу солта и натриум бикарбонатот што се наоѓа во водата.  Па така, поради овие причини научниците сметат дека бојата на езерото е комбинација на некои од овие фактори. За разлика од другите розеви езера во светот, езерото Хилиер ја одржува својата розева боја во текот на целата година.   


Кон крајот на 19 век од езерото се ископувала сол. Претпријатието за ископување сол почнало да пропаѓа од повеќе причини, а меѓу нив била и пронајдената токсичност во солта наменета за потрошувачка. Според официјалната страница за розовото езеро во Австралија, обоената вода е безбедна за луѓето и нема да предизвика никаква штета доколку се плива во него, ниту пак ќе нанесе некаква штета на кожата од луѓето. Сепак, тоа не е можно лично да се потврди бидејќи островот Мидл на кој се наоѓа езерото Хилиер е заштитен како природен резерват и може да се посети само под посебни околности, пред се за изтражување.



Литература:




  Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

Post a Comment

0 Comments