Последно

8/recent/ticker-posts

Која е најјужна населба во Република Македонија?

 Најјужната населба 
во Република Македонија



Селото Долно Дупени се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија непосредно до источниот брег на Преспанското Езеро и на само неколку километри од границита со Република Грција. Тоа го прави да биде најјужната населба во Република Македонија. Ова село е сместено во подножјето на планината Пелистер (Баба) и претставува село од збиен тип. Од градот Ресен е одалечено 34 километри, а негови најблиски се селата Наколец и Љубојно кои се наоѓаат северно од него.

За Долно Дупени постојат неколку народни легенди кои се поврзуваат со неговото потекло. Се верувало дека ова село било создадено со населувањето на Самоил и неговите војници. Бидејќи војниците биле со извадени очи (со дупки по лицето) кога требало да се посочи местото на кое тие престојувале, се велело кај „дупените“. Со текот на времето придавката „дупени“ била пренесена на месноста, а подоцна кога на таа месноста настанало и селото, и на него.
Според мештаните, другата легенда се поврзува со постоењето на некогашни воденици во селото. За водениците се изработувале посебни камења кои биле “дупени” во средина и од таму потекнува името на ова село.
Според професорот Бранислав Русиќ (поранешен професор по етнологија при Одделението за етнологија на Филозофски факултет - Скопје) потеклото на името Дупени доаѓа од сознанието дека некогаш селото било прочуено по многу попови и владики, кои биле уважувани за учени луѓе. Со оглед на фактот што во долнопреспанскиот говор за умен човек, уште се вели и „дупен“ човек, можно е со текот на времето, по уваженоста на овие учени (дупени) луѓе, и селото да го добило своето име Дупени.
Покрај природните убавини со кои изобилува, разновидниот биодиверзитет, бујните ливади и чистиот воздух, селото Долно Дупени се одликува и со многубројни знаменитости кои имаат голема важност (споменикот на НОБ, О.У. “Димитар Влахов” каде што се учи до четврто одделение, куќите од камен кои ве оставаат без здив, локалитетот Маркова нога на самата граница со Република Грција итн.). За локалитетот Маркова нога, легендата вели дека: “Тоа е местото каде Крали Марко се поткачил за да го види Малото Езеро и толку му натежнал на тврдиот камен што се исцртало неговото стапало долго речиси еден метар.”

Спомен чешма за 
загинатите од НОБ
           
 Археолшко наоѓалиште Маркова нога


Во близина на селото, се наоѓа и плажата „Dupeni Beach“, која постои од 2000-та година. Плажата претставува вистински престол за одмор и релаксација. Позната е по прекрасните зајдисонца, ситниот песок и бистрото езеро.





Долно Дупени во минатото, во периодот после втората светска војна имало 714 жители. По осамостојувањето на Република Македонија во него живееле 395 жители. Со последниот попис од 2021 година во ова село живеат 174 жители. Ова село има голем број на иселеници во дијаспората кои често се враќаат и го посетуваат за време на летниот период. 



Литература:



Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија 

Post a Comment

0 Comments