Најзападната населба
во Република Македонија
Селото
Бомово се наоѓа во крајниот западен дел од Република Македонија, сместено во
југозападниот дел на територијата на Општина Дебар, чиј атар се допира со
државната гранична линија со Албанија. Тоа го прави да биде најзападната
населба во Република Македонија. До селото може да се стигне по локален земјен
пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1201 од градот Дебар. Бомово
е рамничарско село, и се наоѓа на надморска височина од 520 метри. Негови
најблиски населби се селата Коњари и Сушица на север, селото Трнаниќ на југ и
градот Дебар на исток од кој е оддалечено 5 километри. Западно од селото тече
реката Црн Дрим. Во северниот дел на
село Бомово тече потокот Прој.
Постојат
записи дека селото било основано од православни Македонци, кои некогаш имале
своја црква со гробишта на месноста Кајша (Киша), северно од денешните куќи,
покрај самата река. Во првата половина на XIX век, поточно во 1832 година во
селото се доселиле доселеници од местото Зогаја во соседна Република Албанија, а
потоа, повторно во 1854 година се доселиле неколку доселеници од местото Мајтер
кај Долен Дебар во соседна Република Албанија. После втората светска војна во
селото живееле 210 жители, сите Албанци. Најнаселно било во 1961 година кога во
него живееле 238 жители и оттогаш населението почнало да се раселува, за
конечно во 1971 година во целост да се исели и селото да остане празно, без
постојани жители. Денес селото Бомово е раселено.
Панорама од селото Бомово
Литература:
Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 34.
Русиќ, Бранислав (1954). Дебарско Поле.Скопје: Филозовски факултет, Скопје. стр. 174–176.
Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија
0 Comments