Село Кракорница - населена населба на највисока надморска височина
во Република Македонија
Република Македонија како планинска земја (над 80% од територијата) во која има околу 40 планини може да се пофали дека на нејзината територија постојат повеќе од 170 населби кои се наоѓаат на голема надморска височина (над 1000 m.). Пред се, тоа се селски населби од кои дел од нив се раселени. Треба да се знае и дека во Република Македонија има и градски населби (градови) кои се наоѓаат на висока надморска височина (над 800 m.). Па така, како населена населба која се наоѓа на највисока надморска височина се издвојува селото Кракорница.
Кракорница е село кое се наоѓа во западниот дел на Република Македонија и припаѓа во Општина Маврово и Ростуше. Сместено е меѓу планините Кораб и Шар Планина во областа Горна Река во горното сливно подрачје на реката Радика. Селото е планинско и се наоѓа на надморска височина од 1.530 m и претставува највисока населена населба во Република Македонија. Атарот на селото зафаќа површина од 8,2 km2. Низ атарот на селото тече Кракорничка Река која се влева во Богдевска Река (притока на Река Радика, најголемата притока на реката Црн Дрим).
Општина Маврово и Ростуше
Од најблискиот град Гостивар оддалечено е 31 km., но до него може да се дојде по рутата долга 59 km преку регионалниот пат Гостивар-Маврово кој понатака од Маврови Анови преку селата Трница, Ничпур и Бродец води до селото. Има и пократка рута по локалениот пат кој води до селото, преку Маврови Анови, и селата Врбен и Богдево. Негови најблиски населби се селата Богдево, Ничпур и Бродец.
Иако е населено поодамна сепак први податоци за населението во село Кракорница се среќаваат во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ каде се вели дека во 1873 г. Кракорница било село со 80 домаќинства, при што населението го сочинувале 120 жители Албанци со христијанска и 85 жители Албанци со муслиманска вероисповед. Понатака, според податоците на Васил К’нчов во делото „Македонија, етнографија и статистика“ од 1900 година, во селото Кракорница имало 180 жители Албанци со христијанска и 180 жители Албанци со муслиманска вероисповед. Во периодот после втората светска војна бројот на жители во селото Кракорница драстично се намалил на само 130. Меѓутоа, бројот на населението до почетокот на 1960-тите години се зголемувал каде, според пописот од 1961 година во него живееле 167 жители. Од овој период населението започнало значително да се намалува каде по осамостојувањето на Република Македонија на пописот од 1994 година во село Кракорница живееле 30 жители. Во 2002 година бројот на жители се преполовил на 15, додека според последниот попис од 2021 година во селото Кракорница за време на пописот живеел само еден жител.
Во рамките на селото се наоѓаат Црквата „Св. Архангел Михаил“ и Кракорничкиот манастир. Во непосредна близина на 500 метри јужно од селото се наоѓа и археолошкото наоѓалиште „Црквииште“. Претставува средновековна некропола (гробишта), каде се среќаваат камени плочи и крстови од бигор кои укажуваат на помала некропола.
Традиционална архиктетура на куќа во село Кракорница
Стара куќа во село Кракорница
Црквата „Св. Архангел Михаил“ во село Кракорница
Литература:
1.Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија
2.К’нчов, В.. „Македонија. Етнографија и статистика
3.Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија.
4,„Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“.
Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија
0 Comments