Последно

8/recent/ticker-posts

Национални знамиња со најчесто користени симболи - Прв дел

 Национални знамиња 

кои користат сонце како симбол


Добро е познато дека национални обележја на една држава се националното знаме, грбот и химната. Знаме е парче ткаенина што претставува и симболизира одредена држава, народ или нација.  Дизајнот на националното знаме понекогаш може да се менува со појава на важни историски настани или политички одлуки. Најчесто знамињата имаат правоаголна форма, но исто така може да бидат и во форма на квадрат, додека пак исклучок е знамето на државата Непал кое e составено од два триаголника подредени еден под друг. 
Националното знаме е дизајнирано така, да на него се прикажуваат специфични значења за одредена држава и народите преку неговите бои и симболи кои исто така може да се користат одвоено од знамето како симбол на нацијата. Најчесто користени симболи на националните знамиња се сонцето, ѕвездите, месечината, градби, животни,  птици,дрва или растенија, крстови, оружја, штитови итн.






Во светот постојат 17 држави кои го користат сонцето како симбол. 









Знаме на Антигва и Барбуда

Знамето на Антигва и Барбуда е усвоено на 27 февруари 1967 година. Знамето било создадено од 
Реџиналд Самуел, кој бил наставник по ликовно во едно од средните училишта во државата. Знамето било усвоено по стекнувањето на независноста. Знамето е составено од два триаголника во црвена боја поставени од лево и десно со допир во долниот дел. Помеѓу нив се наоѓаат три ленти во црна, сина и бела боја. На црната лента има приказ на златно сонце со 9 краци. Сонцето ја симболизира новата ера во историјата на Антигва и Барбуда, црната боја го означува африканското потекло на народот, сината боја ја симболизира надеж и црвената ја симболизира енергијата на народот. Исто така, боите се протолкуваат така што жолтата, сината и белата симболизираат сонце, море и песок.

Знаме на Аргентина

Знамето на Аргентина потекнува од 1812 година. Се состои од три хоризонтални ленти. Во средината се наоѓа бела лента, додека горната и долната се светлосини по боја. Во 1818 година во средниот дел е додадено сонце, кое има за цел да го симболизира мајското сонце Инти.

Знаме на Бангладеш

Знамето на Бангладеш официјално било усвоено на 17 јануари 1972Знамето се состои од црвен диск на зелена основа. Црвениот диск го озналчува сонцето кое изгрева над Бангал и крвта пролеана за независност на татковината. Зелената основа ја претставува природата на Бангладеш.

Знаме на Гренланд

Знамето на Гренланд е дизајнирано од страна на              Ту Кристиансен. Се состои од две еднакви хоризонтални траки во бела и црвена боја, со голем диск на десната страна на знамето. Едната половина на кругот која што се наоѓа во белото поле е црвена, додека пак другата половина на кругот која што се наоѓа во црвеното поле е бела. Знамето е усвоено на 21 јуни 1985 година. 

Знаме на Индија

Знамето на Индија е усвоено на 22 јули 1947 и малку изменето на 15 август истата година. Се состои од три еднакви хоризонтални ленти, горната е во потрокалова боја, во средина е со бела боја и долната е со зелена боја. Во центарот се наоѓа мариносиното тркало со 24 линии. При официјалното усвојување на индиското знаме за боите е дадено следното објаснување: портокаловата претставува самоодрекување, бидејќи водачите мораат да бидат индиферентни во однос на материјалните добра и да бидат посветени на својата работа. Белата е светлина, патот на вистината. Зелената е односот кон земјата. тркалото во средината е чакрата, која го претставува законот на вистината и добрината. 

Знаме на Јапонија

Знамето на Јапонија е националното знаме на царството кое е бело со голем црвен диск што го претставува сонцето. Знамето се усвоило за национално на 13 август 1999 иако се користело на пониско ниво уште од 15 век.

Знаме на Казахстан

Знамето на Казахстан е усвоено на 4 јуни 1992 и со тоа се заменило знамето на Казашка Советска Социјалистичка Република. Казашкото знаме е дизајнирано од Шакен Нијазбеков.
Националното знаме на Казахстан е во сина боја со златно сонце во средината обиколено со 32 зраци и со степски орел под него. Од страна на сонцето и орелот се наоѓа златен казашки вез. Оваа претстава на знамето значи поврзаност на стариот ханат и Казаците. Сината боја ги претставува турските народи, но има и религиозни мотиви. Сонцето претставува извор на живот, енергија и богатство. Орелот симболизира моќ на државата и се користел низ минатото на Казахстан.

Знаме на Кирибати

Знамето на Кирибати е официјалното знаме на оваа океанска држава кое е усвоено на 12 јули 1979 година  по независноста на државатаДизајнот на знамето е преземен од грбот на британската колонија Гилбертови и Елиски Острови, само со проширени брановидни ленти и позадина. Знамето и грбот на британската колонија биле направени во 1932 година. Составено од црвена позадина во горниот дел на знамето, а во долниот дел на знамето има приказ на три брановидни бели и три брановидни сини ленти. Над брановидните ленти има изгрев на златно сонце со 17 краци, а над сонцето има златна птица фрегата.

Знаме на Киргистан

Знамето на Киргистан било усвоено на 3 март 1992 година од Врховниот совет на Киргистан. Ова знаме е црвено со жолто сонце со 40 краци во средината. Во средината на сонцето се наоѓа црвен прстен со три прекрстени ленти, стилизиран покрив на киргиска јурта. Црвената боја ја претставува храброста на народот, сонцето претставува мир и богатство, додека јуртата претставува дом.

Знаме на Малави

Знамето на Малави било усвоено на 6 јули 1964 година и повторно вратено на 28 мај 2012 година. Црвеното сонце што изгрева ја претставува зората на надеж и слобода на африканскиот континент. Црната боја го претставува староседелското населениe на континентот , црвената боја ја симболизира крвта што се пролеала во нивните битки, а зелената боја ја означува природата. Знамето личи на пан-африканското знаме дизајнирано од страна на Маркус Гарвеј во Асоцијацијата за подобар живот на црнците, каде што биле црвената и црната со заменети места и црвено сонце што изгрева.

Знаме на Македонија

Знамето на Македонија е усвоено на 5 октомври 1995 година кога се сменило етничкото македонско знаме по контроверзен политички пат. Знамето е составено од црвена позадина на која има златно сонце, добиено од старото македонско знаме. Сонцето е со осум сончеви краци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Пречникот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето.

Знаме на Намибија

Знамето на Намибија
 било усвоено на 21 март 1990 по независноста од Јужноафриканската Република. 
Боите на знамето потекнуваат од Народната организација на Југозападна Африка, најважното ослободително движење во Намибија. Знамето е составено од пет дијагонални ленти кои се протегаат од горниот десен агол па одат кон долниот лев агол. Боите на лентите се во сина, бела, црвена, бела и зелена, каде белите се најмали. На сината лента има златно сонце со 12 краци. Сонцето претставува живот и енергија. Ц
рвената боја го симболизира народот на Намибија, нивното херојство и наклонетоста кон создавање подобра иднина, белата боја мирот и единството, зелената боја растителноста и земјоделските ресурси и сината боја небото и Атлантскиот Океан, водата и дождот.

Знаме на Непал

Знамето на Непал е единственото државно знаме во светот кое не е правоаголно или квадратно. Знамето е составено од два триаголници кои се обоени во темноцрвена боја според националното цвеќе на Непал, родендрон. Сините граници на триаголниците го означуваат мирот. Во средината на триаголниците се наоѓаат сонцето и полумесечината. До 1962 година, сонцето и месечината имале човечки лица. Тие останале на знамето на кралот. Денешното знаме на Непал било усвоено на 16 декември 1962 година. Ова знаме е засновано на постаро индуско знаме.

Знаме на Руанда

Знамето на Руанда е усвоено на 25 октомври 2001 година. Знамето е составено од три хоризонтални ленти во сина, жолта и зелена боја, од кои зелената и жолтата се помали, а сината поголема лента. На сината лента има приказ на сонце во посветла жолта боја. 
Сината боја симболизира мир и среќа, жолтата симболизира економски развој и зелената симболизира надеж и просперитет. Сонцето претставува просветување. Знамето било дизајнирано до Алфонс Киримобенекјо.

Знаме на Тајван

Знамето на Тајван  станало официјално во 1928 година. Знамето е составено од црвена позадина каде во горниот лев агол има син квадрат со приказ на бело сонце. Сонцето има дванаесет краци што ги симболизираат 12 месеци во годината и 12 часа според кинеското учење. За разлика од првичното знаме, во новото се додала црвената боја за да ја симболизира крвта на револуционерите. Сината боја претставува национализам и слобода, белата демократија и еднаквост и црвената братство и соживот.

Знаме на Уругвај

Знамето на Уругвај е составено од девет хоризонтални линии во бела и сина боја. Во горниот лев агол се наоѓа бела подлога на која се наоѓа мајското сонце со 16 зраци. Знамето е усвоено првпат во 1828 година, а по мали измени повторно е усвоено во 1830 година.

Знаме на Филипини

Знамето на Филипини е составено од две хоризонтални ленти во сина и црвена боја. Од левата страна, на прицврстениот дел има бел триаголник на кој има приказ на три златни петокраки и едно сонце со осум краци. Според Владата на Филипините, белата боја симболизира еднаквост и братство, сината симболизира мир, правда и вистина и црвената симболизита патриотизам. Сонцето симболизира единство, слобода и народна демократија, додека осумте краци ги симболизираат првите осум покраини кои се дигнале притив шпанската колонизација. Трите ѕвезди ги симболизираат островите ЛусонВисаи и Минданао.


Литература:

https://www.fotw.info/flags/ag.html
http://www.museonor.gov.ar/bandera.htm
https://web.archive.org/web/20100930115234/http://globalnation.inquirer.net/news/breakingnews/view/20100927-294642/RP-flag-blooper-in-New-York-not-intentionalUS-embassy
G Brownell (December 1990), Coats of Arms and Flags in Namibia (A series of 8 articles.)
Heimer, Željko (2 јули 2006). „India“Flags of the World.
Albert P. Blaustein; Jay A. Sigler; Benjamin R. Beede (July 1977). Independence documents of the world



Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија 


Post a Comment

0 Comments