Национални знамиња
кои користат крст како симбол
Добро е познато дека национални обележја на една држава се националното знаме, грбот и химната. Знаме е парче ткаенина што претставува и симболизира одредена држава, народ или нација. Дизајнот на националното знаме понекогаш може да се менува со појава на важни историски настани или политички одлуки. Најчесто знамињата имаат правоаголна форма, но исто така може да бидат и во форма на квадрат, додека пак исклучок е знамето на државата Непал кое e составено од два триаголника подредени еден под друг.
Националното знаме е дизајнирано така, да на него се прикажуваат специфични значења за одредена држава и народите преку неговите бои и симболи кои исто така може да се користат одвоено од знамето како симбол на нацијата. Најчесто користени симболи на националните знамиња се сонцето, ѕвездите, месечината, градби, животни, птици,дрва или растенија, крстови, оружја, штитови итн.
Крстот е најпознатиот симбол на христијанството и го претставува предметот на кој бил распнат Исус Христос. Од 193 земји-членки на ОН, само 22 го користат крстот како симбол на нивните знамиња. Освен овие, и две земји како што се Фарските Острови (автономна земја на Кралство Данска) и Ватикан (држава набљудувач на ОН) исто така имаат крст на нивните знамиња. Иако крстот го има и на националните знамињата на други држави сепак не е главен симбол според кој се креира дизајнот на знамето.
На знамето на Обединетото Кралство се прикажани три крста - крстот на Свети Андреј, Крстот на Свети Џорџ и Крстот на Свети Патрик. Од земјите во Обединетото Кралство само две од четирите земји имаат крст на нивните знамиња. На знамето на Шкотска е прикажан крстот на Свети Андреј, а на знамето на Англија е прикажан крстот на Свети Џорџ. Четири нации на Комонвелтот исто така инаат крст на нивното знаме. Овие четири нации се Австралија, Нов Зеланд, Тувалу и Фиџи.
Литература:
Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија
0 Comments